Светската здравствена организација се уште нема доволно податоци за новата варијанта на коронавирусот Омикрон за да објави дека е попреносливa од варијантата Делта, изјави денеска техничката шефица на СЗО за Ковид-19 Марија Ван Керкове.
Имаме некои податоци кои покажуваат дека стапките на хоспитализација се пониски, рече претставничката на СЗО на прес-конференција.
Таа предупреди дека не треба да се извлекуваат заклучоци од првите податоци, бидејќи оваа варијанта не циркулира доволно долго меѓу населението, особено кај ранливите популации.
Генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус ги повика земјите да учат од изминатите две години од пандемијата и повторно повика на поголема правичност во дистрибуцијата на вакцините.
Тедрос предупреди дека сеопфатните програми за бустер вакцинација во богатите земји ризикуваат да ја продолжат светската битка со Ковид-19 и рече дека „ниту една земја не може да го забрза својот излез од пандемијата“.
Генералниот директор на СЗО истакна дека приоритет мора да биде да се намалат смртните случаи и да им се помогне на сите земји да ги исполнат минималните цели за вакцинација кои многу сè уште не ги постигнале.
Тој истакна дека „огромното мнозинство на хоспитализации и смртни случаи се кај невакцинирани луѓе, а не кај оние кои не примиле трета доза“.
Тедрос, исто така, рече дека е „искрено тешко да се разбере“ дека три четвртини од здравствените работници во Африка сè уште се невакцинирани и дека глобалните нарушувања во снабдувањето предизвикале само половина од земјите-членки на СЗО да ја исполнат целта за вакцинација, што е 40 отсто од нивното население заклучно со крајот на оваа година.
Регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге, предупреди дека Омикрон ќе стане доминантна варијанта во Европа до почетокот на 2022 година и дека се потребни уште три до четири недели за да се утврди сериозноста на болеста што ја предизвикува.
Клуге ги предупреди земјите да се подготват за „значително зголемување“ на нови инфекции.
Нема сомнеж дека Европа повторно е епицентар на глобална пандемија, рече Клуге, додавајќи дека инфекциите се зголемиле за 40 отсто од пред една година и дека Омикрон сега е доминантен
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.