Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, а сегашен тренер на Дерби Каунти, Вејн Руни, во изјава за британските медиуми оцени дека одговорноста за слабите резултати сезонава на неговиот поранешен клуб не е во тренерот Оле Гунар Солскјер, туку во играчите и нивната недоволна ангажираност на теренот.
Солскјер е под силен притисок по минатонеделниот висок пораз во Манчестер од Ливерпул со 5-0, а овој викенд го очекува тешко гостување против лондонски Тотенхем.
– Тие играчи имаат голема одговорност. Тоа се фудбалери од светска класа, настапуваат за своите репрезентации, но за клуб каков што е Јунајтед треба повеќе. Мора да ги заболи кога ќе загубат натпревар. Гледам премногу играчи, кои не сакаат да трчаат назад, да покриваат во одбрана и не го даваат својот максимум. Тоа е неприфатливо. Премногу е лесно менаџерот да преземе одговорност, но, од друга страна тие што се платени, и тоа многу скапо, очигледно не си ја вршат својата работа, изјави Руни.