Лидерот на Народна партија на Австрија (ОВП), поранешниот канцелар Себастијан Курц соопшти дека се повлекува целосно од политиката, откако на 9 октомври ја напушти функцијата канцелар, по обвинението за поткуп, корупција и нарушување на довербата.
Неколку часа по Курц, и австрискиот канцелар Александар Шаленберг изјави дека се повлекува од функцијата, на помалку од два месеци по преземањето на должноста.
„Оставката на конзервативниот политичар Шаленберг најави сериозни превирања во врвот на австриската политика, а особено во конзервативната Австриска народна партија (ОВП)“, коментира агенцијата ДПА.
По Курц и Шаленберг, и министерот за финансии Гернот Блимел синоќа најави дека поднесува оставка. Блимел, пак, е еден од обвинетите покрај Курц во истрагата за проневера и поткуп, поврзана со нарачување наводни лажни истражувања.