Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска се обрати на настанот по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на нематеријалното културно наследство, при што ја истакна неговата вредност како духовно богатство на еден народ и сведок за неговиот идентитет и опстојување.

Тој потсети дека за да се заштитат нематеријалните културни вредности од глобализацијата и од брзите општествени промени, УНЕСКО во 2003 година ја усвои Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство, нагласувајќи ја неговата важност како основа на културната разновидност.

Минатата година, при одбележувањето на 20-годишниот јубилеј од донесувањето на Конвенцијата, 17 октомври беше прогласен за Меѓународен ден на нематеријалното културно наследство, со што уште еднаш беше потврдена заложбата на државите членки за подигнување на свеста за зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство во меѓународни рамки.

Денеска, кога за првпат светот го одбележува овој ден, министерот Љутков ги истакна досегашните искуства на нашата држава: Македонија стана дел од светската карта на држави со впишано нематеријално културно наследство на листите на УНЕСКО, и тоа: „Чет`рсе – празнувања на Светите Четириесет Маченици во Штип“ (2013 год.), „Копачката“ – машко соборско оро од село Драмче, Пијанец“ (2014 год.), заедничката апликација на Република Македонија и Република Турција „Пролетна прослава Х’дрлез“ и мултинационалната апликација на Република Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија „Културни практики поврзани со 1 Март“ (2017 год.) на Репрезентативната листа на УНЕСКО на нематеријалното културно наследство на човештвото, и со впишувањето на „Гласоечко“ – двогласно машко пеење во Долни Полог“ (2015 г.) на Листата на УНЕСКО на нематеријално културно наследство за ургентна заштита. Тој искажа уверување дека досегашните позитивни искуства и овие впишани нематеријални добра и во иднина ќе бидат предизвик за експертите кои го проучуваат нематеријалното културно наследство, затоа што тоа ни припаѓа на сите нас, но и на целото човештво.

На настанот, организиран од Комисијата за култура и туризам при Собранието го отвори претседателката Саранда Имери-Стафаи, а говореа и Антониjо Милошоски, потпретседател на Собранието, Велика Стојкова-Серафимовска, членка на Комисијата за култура и туризам и акредитирана експертка на УНЕСКО за нематеријално културно наследство, Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство, Сулејман Рушити, директор на НУ Гостиварски театар и Ивона Опетческа-Татарчевска, национална координаторка за нематеријално културно наследство.

Текстот Светот го одбележува Меѓународниот ден на нематеријалното културно наследство е превземен од МАКФАКС.