Сертификатите за прележаност на ковид-19 нема да се укинат. Не се размислува за воведување на нови мерки за населението, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали, кој беше во посета на Клиниката за детски болести.
Комисијата за заразни болести заседава секој вторник и ја евалуира епидемиолошката состојба од претходната седмица. Сали признава оти веќе десетина дена има благо покачување на бројот на пациенти кои се хоспитализираат поради ковид – 19.
Ја контролираме ситуацијата, капацитети на кревети има сосема доволно, и од асапект на кадар сме добро организирани, нам ни останува да почекаме малку за бројот да почне да се намалува, вели министерот.
Според Сали, засега нема потреба од воведување на нови рестрикции.
Пикот на вирусот се уште продолжува, укинување на сертификатите нема да има, рече Сали.
Сали вчера преку фејсбук пост упати јавна покана до професорите на Медицинскиот факултет, Никола Пановски, Драган Даниловски и Вело Марковски да бидат дел од Комисијата за заразни болести или пак негови советници. Тие му забележаа дека не ги повикал лично.
Сега не е време да гледаме на кој начин и во каков формат била упатена поканата до професорите експерти, туку во услови на пандемија мора сите да ги засукаме ракавите и да дадеме свој придонес за што поскоро да излеземе од оваа здравствена криза, рече министерот Сали.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 268.191, бројот на оздравени пациенти е 239.694, на починати е 8.383, а бројот на активни случаи изнесува 20.114.
Според Министерството за здравство вчера 21 пациент починал од компликации од ковид.Од вкупниот број на починати девет лица биле целосно вакцинирани, а кај 20 се регистрирани коморбидитети. Биле направени се 5.082 тестови, а регистрирани се 1.254 нови случаи на ковид-19. Од вкупниот број на позитивни регистрирани се 169 реинфекции.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.