Соединетите Американски Држави одлучиле да протераат 12 руски дипломати од дипломатската мисија во Обединетите нации(ОН), поради загриженост за националната сигурност, соопштија американски и руски дипломати. На нив им е наредено да ги напуштат САД до 7 март.
Мисијата на САД при ОН, во соопштение наведува дека 12 -те руски дипломати се „оперативци кои ги заборавиле своите привилегии на престој во САД и учествувале во шпионски активности кои се штетни за националната сигурност“, пренесува Си-Ен-Ен.
„Оваа акција се подготвува веќе неколку месеци“, напиша на Твитер портпаролката на американската мисија во ОН, Оливија Далтон.
Од членовите на руската мисија е побарано да ги напуштат САД поради ангажирање во недипломатски активности.
„Од дипломатите од кои е побарано да ги напуштат САД биле ангажирани во активности кои не се во согласност со нивните одговорности и обврски како дипломати“, рече заменик американскиот амбасадор во Советот за безбедност на ОН, Ричард Милс за време на состанокот на Советот на 28 февруари.
Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја рече дека од нив е побарано да си одат до 7 март, пренесува Ројтерс. Тој оценува дека објаснувањето на Милс за нивно протерување е „незадоволувачко“.
Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов го опиша протерувањето како „непријателски потег“ и рече дека Москва целосно ги отфрла барањата на САД.