САД веќе започнаа со испорака на потребната муниција и воена опрема за Израел, објавија вчера од Белата куќа и се додава дека Пентагон ги прегледува своите залихи за да види што друго може брзо да испрати за да го поттикне својот сојузник во тридневната војна со Хамас.
Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност, синоќа потврди дека првата пратка воена помош, по насилниот напад од милитантите на Хамас, заминала за Израел.
„Очекуваме дека ќе има дополнителни барања за безбедносна помош за Израел бидејќи тие продолжуваат да трошат муниција во оваа борба. Ќе бидеме во чекор со нив, осигурувајќи се дека ќе ги задоволиме нивните потреби најдобро што можеме и што е можно побрзо“, рече Кирби, пренесува „Гардијан“.
Во судирите, што уследија по истрелувањето на илјадници ракети на Хамас врз Израел, кој почна во саботата, досега се убиени 687 Палестинци и повеќе од 900 Израелци.
Министерството за здравство на Газа објави дека бројот на загинати Палестинци се зголемил од 500 на 687, а бројот на ранети се искачил на над 3 700 лица.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека се убиени уште 38 војници. На почетокот на четвртиот ден од конфликтот, потврдено е дека се убиени 123 израелски војници.
Бројот на загинати Израелци се искачи на над 900, а бројот на ранети на над 2 400 лица.