Претставничкиот дом на САД вечерва со поддршка од двопартиското мнозинство го изгласа пакетот за безбедносна помош вреден 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван, и покрај жестокото противење на некои републиканци, објави Би Би Си.
Пакетот од четири нацрт-закони сега оди во Сенатот, кој е мнозински контролиран од демократите и донесе слична мерка пред повеќе од два месеца.
Американскиот претседател Џо Бајден првпат побара дополнителни средства за Украина во октомври минатата година, кога воените резерви на Украина почнаа драстично да се намалуваат.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски апелираше до Конгресот уште во февруари. Како дел од овој пакет, беше одобрено и испраќање помош за Израел и Тајван, како и закон кој содржи неколку надворешнополитички предлози, вклучително и забрана на платформата ТикТок во кинеска сопственост.
Сенатот треба да гласа за него следната недела, а потоа да го испрати до претседателот Бајден на потпис.
Десетина демократски претставници вееја украински знамиња кога веќе било извесно дека пакетот ќе биде усвоен.
Џонсон оваа недела одлучи да ги игнорира заканите за негово отповикување од страна на тврдокорните во неговата партија и го стави на дневен ред на Домот, каде републиканците имаат мнозинство од 218 спрема 213 демократи, гласањето за мерката која вклучува 60,84 милијарди долари за Украина, која две години се соочува со руска инвазија. Вклучени во таа сума се 23 милијарди долари за обновување на американското оружје.
Пакетот вклучува и помош за Израел, Тајван и сојузниците во индо-пацифичкиот регион, како и други мерки како што се санкции, де факто забрана на кинеската социјална мрежа ТикТок и потенцијален трансфер на запленети руски средства во Украина.
Покрај 60,84 милијарди долари за Украина, законот предвидува 26 милијарди за Израел, вклучувајќи 9,1 милијарди за хуманитарни потреби и 8,12 милијарди за Индо-Пацификот.
Украинскиот претседател ја поздрави новата американска помош за Украина.
„Благодарен сум на Претставничкиот дом на САД, на двете партии, особено на спикерот Мајк Џонсон за одлуката што ја одржува историјата на вистинскиот пат. Демократијата и слободата секогаш ќе имаат глобално значење и никогаш нема да пропаднат се додека Америка им помага да се заштитат. Виталниот закон за американска помош усвоен денеска од Претставничкиот дом ќе го спречи ширењето на војната, ќе спаси илјадници и илјадници животи и ќе им помогне на двете наши нации да станат посилни. Само со сила може да се постигне праведен мир и безбедност. Се надеваме дека нацрт-законите ќе бидат поддржани во Сенатот и испратени на бирото на претседателот Бајден. Ти благодарам Америка!“, истакна Зеленски.
I am grateful to the United States House of Representatives, both parties, and personally Speaker Mike Johnson for the decision that keeps history on the right track.
Democracy and freedom will always have global significance and will never fail as long as America helps to…
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) April 20, 2024
Американскиот претседател Џо Бајден истакна дека усвојувањето на законот за странска помош испраќа „јасна порака“ до светот за американското лидерство.
„Го повикувам Сенатот брзо да го испрати овој предлог-закон на мојата маса за да можам да го потпишам и ние брзо да испратиме оружје и опрема во Украина“, порача Бајден.
Г. Т.