Американскиот Стејт департмент ги повика Србија и Косово да се воздржат од запалива реторика, некоординирани акции и законодавни акти кои се спротивни на напорите за нормализација, како реакција на обраќањето до јавноста на српскиот претседател Александар Вучиќ од пред неколку дена.
Вучиќ, за време на говорот во Палатата Србија ги претстави барањата и потезите на Србија во врска со ситуацијата на Косово, поделени во пет области и истакна дека со таа цел ќе почне глобална дипломатска кампања и дека ќе разговара до крајот на ноември со 60 светски лидери на кои ќе им претстави седум нужни точки за напредок во дијалогот.
На барањето за коментар на мерките, Стејт департментот го повтори својот став за дијалогот на Приштина и Белград, со посредување на Европската Унија, потсетувајќи дека „Косово е независна и суверена држава и дека сака да се види во меѓународните структури“.
„Соединетите Американски Држави продолжуваат силно да го поддржуваат дијалогот меѓу Косово и Србија со посредување на ЕУ како начин за постигнување мирни и продуктивни односи меѓу двете држави. Иднината на двете земји е во европските институции, процесот со посредување на ЕУ е единствениот пат напред. Уште еднаш ги повикуваме Србија и Косово да се воздржат од ескалација на реториката, некоординирани акции или законодавни акти кои се во спротивност со нормализацијата на односите или ја загрозуваат стабилноста и безбедноста“, се наведува во одговорот.
За Вашингтон Косово е „суверена, независна и мултиетничка држава“, која сакаат да ја видат „целосно интегрирана во евроатлантските и меѓународните структури“.