Руските сили лансираа две балистички ракети против градот Полтава на 3 септември, при што загинаа најмалку 41, а беа повредени над 180 лица, објави претседателот Володимир Зеленски на Фејсбук.
Како што пренесува Кијив Индипендент, според Зеленски, во нападот беа погодени образовна институција и соседна медицинска установа, при што делумно беше уништена и зградата на Воениот институт за комуникации.
„Временскиот интервал помеѓу алармот и пристигнувањето на смртоносните проектили беше толку краток што ги фати луѓето за време на евакуација во засолништето од бомби“, соопшти Министерството за одбрана.
Многу луѓе остануваат заробени под урнатините, додека спасувачите и медицинските лица продолжуваат да работат на местото на настанот. Од околу 14 часот. по локално време, итните служби спасиле 25 лица, од кои 11 биле извадени од урнатините, се вели во соопштението на Министерството.
„Изразуваме искрено сочувство до семејствата на жртвите. Оваа трагедија е уште еден доказ за лукавството на непријателот, кој не престанува да прави злосторства за да се обиде да ги заплаши Украинците“, соопшти Министерството. „Ги повикуваме сите да останат смирени и да им веруваат само на официјалните извори на информации. Секоја шпекулација за оваа трагедија е неприфатлива.
Зеленски рече дека дал инструкции за оперативна истрага за околностите на нападот на Полтава.
„Во спасувачката операција се вклучени сите потребни служби. Благодарен сум на секој човек кој од првите минути по ударот им помага на луѓето кои спасуваат животи“, додаде шефот на државата.
Областа Полтава се наоѓа во централна Украина и редовно е цел на руски напади со беспилотни летала и ракети.
Како што претходно објави Укринформ, според воздухопловните сили на вооружените сили на Украина, на 3 септември Русите ја нападнале Украина, особено со три балистички ракети Искандер-М/КН-23 од привремено окупираниот Крим.
Драган Мишев