Руските наративи во македонските медиуми: Изгубени во преводот

ДРАГАН МИШЕВ

Во соработка со Мониторинг тимот на ЦИВИЛ

На први март, државната информативната агенција МИА, објави содржина, со наслов „Помошта за Украина ги претвора Шолц и Макрон во отворени непријатали, за која се вели дека е пренесена од Политико, без притоа да се наведе линкот до изворот на веста.

Неколку македонски портали ја презедоа веста, по принципот „copy – paste“, без проверка, повеќето од нив дури и со истата печатна грешка во насловот „непријатали“, несвесни дека, иако доаѓа од државна информативна агенција, во себе содржи дезинформации, манипулации и наведувачки наративи како оние кои ги користат руските пропагандисти за да нанесат штета на Украина и помошта која и ја пружаат сојузниците, меѓу кои и Северна Македонија како членка на НАТО.

Во преводот на насловот и текстот, како што го пренесува МИА, а за кој вели дека е преземен од Политико, пишува : Помошта за Украина ги претвора Шолц и Макрон во отворени непријатали„, додека подолу во текстот, пишува: „Разликите меѓу германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон околу помошта за Украина се претвораат во отворено непријателство…“

Иако во текстот на МИА нема директен линк до изворот, се работи за текс објавен во Политико на 27 февруари, со наслов: „Scholz and Macron feud over arms for Ukraine“, додека во поднасловот стои: As Ukraine runs short on ammunition, the German and French leaders are at odds over military aid“.

Ниту во насловот , ниту во текстот на Политико никаде не стои непријатели, уште помалку отворени непријатели.

Преведено на македонски, Политико пишува: „Шолц и Макрон се караат околу оружјето за Украина“, и во поднаслов „Бидејќи Украина има недостиг од муниција, германскиот и францускиот лидер не се согласуваат околу воената помош.“

И во текстот подолу, се употребуваат зборови кои означуваат длабоки разлики, сосема спротивни коментари, изненаденост, оградување, отворена расправија, судир на ставови, па и разочарување, но никаде зборот „непријателство“. За „отворено непријателство“ помеѓу двајцата лидери, секако нема место во оригиналниот текст.

Како што забележува Мониторинг тимот на ЦИВИЛ, преводот од Политико кој го пласира МИА на своите корисници ( било да е намерно или ненамерно) е неточен, манипулативен и тенденциозен. Вакви  наративи користи руската пропаганда со цел да прикаже несогласување помеѓу лидерите на западните сојузници, да предизвика сомнеж и да прикаже колебање во одлуката на сојузниците да ја поддржат и помогнат Украина во борбата со руската неиспровоцирана целосна воена агресија врз својот сосед, што понатаму би довело до недоверба за целокупното делување на НАТО сојузот и наводно понатамошно распаѓање на Алијансата (иако, напротив, таа со почетокот на руската агресија се прошири со нови членки), каде полноправна членка е и нашата земја, со што ќе се поттикнат наративите на овдешните рашисти дека за Северна Македонија приближувањето кон Русија би била подобра алтернатива од членството во евро-атлантските сојузи.

Но, ова не е прв пат на МИА да се појават манипулативни текстови со кои пред македонската публика се пласираат руски пропагандни наративи. Како што предходно објави ЦИВИЛ Медиа на почетокот на јануари, тогаш државната новинска агенција МИА  во рубриката „МИА истражува“ , пласираше содржина, и истата потоа ја пренесоа повеќе македонски медиуми, која всушност не е никакво истражување, туку едноставно преведен и интегрално пренесен, во најмала рака манипулативен текст со наслов „Зошто Зеленски не сака мир?“ од самонаречениот „независен“ воен аналитичар, Марио Буриќ за хрватскиот портал Индекс.хр., Како што забележува Мониторинг тимот на Цивил, текстот на Буриќ, пренесен на МИА е полн со произволни, паушални тврдења и пропагандистички наративи.


Во оваа анализа се користени податоци од редовните извештаи на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:

РУСКА ПРОПАГАНДА: Под плаштот на „анализи“ и „истражувања“ се пласираат манипулативни содржини од хрватски „Индекс“ во македонските портали