Збунетостa и конфузијата околу наводно загинување на десетици украински воени заробеници продолжува и неколку дена откако рускиот воен авион Ил 76 се урна во рускиот регион Белгород во близина на украинската граница.
Неизнесувањето конкретни докази, сугерира дека е сосема можно, како и многу пати досега, да се работи за руска пропаганда и провокација. Како што објави вчера ЦИВИЛ МЕДИА, властите во Кремљ сé уште не изнесоа конкретни докази за тврдењето дека Украина го собори авион со свои заробеници, особено откако само пет тела беа донесени во мртовечницата во Белгород по мистериозната авионска несреќа на рускиот Ил-76, додека некои украински заробеници кои наводно биле во авионот веќе биле разменети претходно
Според извештајот на Институтот за проучување на војната (ISW) неколку руски и украински извори забележале дека барем еден од наводните заробеници од списокот со 65 имиња кој го објави руската ТВ-новинарка Маргарита Симонјан, која се смета за жесток пропагандист на Путин, веќе бил разменет во претходна размена на заробеници на 3 јануари и се вратил во Украина.
Исто така, комесарот за човекови права на украинскиот парламент Дмитро Лубинец во изјава дадена за Sky News вели дека на списокот на украински воени заробеници кои наводно биле „во соборениот авион ИЛ-76“, објавен од руските пропагандисти, се наоѓаат имињата на луѓето кои претходно биле разменети.
„Да, на овој список ги најдовме граѓаните на Украина кои претходно биле веќе разменети“, изјави Лубинец.
Дополнително, како што објави денес Кијив Индипендент, украинските власти се сретнаа со роднините на заробениците за кои Русија тврди дека биле во урнатиот Ил-76, и велат дека нема докази што го потврдуваат тоа.
На 26 јануари, Усов, началникот на украинското воено разузнавање (ХУР), Кирило Буданов, и други воени и полициски службеници се состанаа со роднините на воените заробеници споменати во списокот. Откако ги погледнале видеата наводно од местото на несреќата објавени од руска пропаганда, членовите на семејството „не виделе посебни знаци на фрагментите од телото што би укажале дека тоа се нивни роднини“.
„Ги собираме и темелно ги анализираме сите достапни информации за ова прашање од многу извори. Засега нема информации дека авионот можел да превезе толку многу луѓе“, истакна Буданов.
Тој рече дека верзијата на Москва дека 65 украински заробеници можеле да бидат на одборот на Ил-76 за размена „се уште покренува многу прашања“.
Претставниците на штабот ветија дека ќе ги известат роднините за судбината на заробениците штом имаат веродостојни информации.
Она што дополнително фрла сомнеж на вистинитоста на руските обвинувања , е фактот дека Москва сè уште не ги пренела информациите за падот на рускиот транспортен авион Ил-76 до Меѓународниот комитет на Црвениот крст за истрага.
Драган Мишев