Руското Министерство за економија подготви нацрт закон кој има за цел да го спречи сè поголемото повлекување на меѓународниот бизнис од Русија поради војната во Украина. Предлог законот поставува и темели за национализација на странски имот во Русија.
Нацрт законот предвидува државната банка Внешекономбанк и државната агенција за извозни гаранции да имаат право да преземаат имот на странски компании кои го напуштиле рускиот пазар, пренесува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Овој предлог уследи откако сè повеќе меѓународни компании најавија дека престануваат со работа во Русија или во потполност се повлекуваат од Русија поради инвазијата врз Украина.
Предлог законот е прв чекор кон национализација на странските организации кои ја напуштаат Русија, велат од владејачката партија Единствена Русија, која има мнозинство во Парламентот и рутински ги одобрува иницијативите на Владата или на Кремљ.
Според законот, Русија би имала право да ги преземе странските компании во рок од три месеци во случај кога лидерите на странските компании де факто ќе престанат да управуваат со работата. Во предлог законот се наведува дека кога лидерите на компаниите ќе преземат акции кои би можело да доведат до ликвидација или до стечај на таквите компании, руската влада би имала рок од шест месеци да ги преземе. Акциите на новите компании ќе се понудат на тргување, а старите компании би се ликвидирале. Во случај никој да не е заинтересиран за сопствеништво над новите компании, тие би се национализирале, предвидува предлог-законот.