Рускиот дезертер и поранешен воен лекар Алексеј Жилјаев, кој на новинари им предал база на податоци од Главната воено-медицинска управа на руското Министерство за одбрана, е хоспитализиран во Франција во тешка состојба, јави Радио Москва.
Според извор запознаен со случајот, Жилјаев не може да оди и го загубил помнењето, а неговите пријатели и познаници го барале со месеци, откако му се загубила секоја трага. Причината за неговата состојба сè уште не е позната, но лекарите ја исклучиле можноста за труење.
Пред исчезнувањето, Жилјаев активно истапувал во медиумите. Раскажал дека кон крајот на 2023 година доброволно заминал во војната откако на железничка станица во Санкт Петербург видел група воени инвалиди. Како студент по медицина, почувствувал дека мора да ги искористи своите знаења на фронтот, иако тврдеше дека „секогаш бил против режимот“ и учествувал на протестите на Навални.
Во август 2024 година добил неофицијално отсуство и повеќе не се вратил во единицата. Се поврзал со претставници на организацијата „Идите шумом“, кои му помогнале да избега во Франција, каде што побарал азил.
Портпаролот на организацијата, Иван Чувиљаев, потврдил дека тие му помогнале при бегството: „Не би рекол дека приказната беше нешто посебна — повеќе типична. Имаше долгови, кредити, му било непријатно отворено да зборува за тоа. Потоа беше пратен во евакуациска група, таму се нагледал ужаси, разви јасен посттрауматски стрес. Нашите психолози работеа со него“, изјавил Чувиљаев.
Жилјаев од Русија изнесол УСБ со база на податоци од Главната воено-медицинска управа, која содржи информации за 166.000 пациенти што поминале низ воените болници во Русија и на анектираниот Крим.
Како што објаснил, податоците се пренесуваат преку затворен систем за размена, наречен ЗСПД, кој користи стандарден електронски протокол (SMTP и POP3). Новинарите на Радио Слободна Европа ја потврдиле автентичноста на базата.
Засега нема докази дека Жилјаев бил нападнат.
Текстот Русин со УСБ полн со податоци избегал во Франција, пронајден во тешка состојба е превземен од МАКФАКС.