Се очекува Русија да оствари две важни дипломатски победи на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, се вели во анализата на Радио Слободна Европа, по дозволата што ја доби рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров да слета кај нас.

Според анализата, Русија повторно се враќа на зелената маса на европската политика, покажувајќи дека Москва не може да се избегне при носењето одлуки. Ова говори за голема победа на Русија во Скопје, за разлика од последниот министерски состанок на ОБСЕ што се одржа во Полска во 2022 кога оваа земја како претседавач не дозволи присуство на Лавров бидејќи беше на списокот со европски санкции поради инвазијата врз Украина која започна во февруари истата година.

Но, С Македонија потврди дека ќе дозволи слетување на авионот на Лавров, додека Бугарија му даде дозвола да го користи нејзиниот воздушен простор на пат кон Скопје.

Скопје само ја донесе оваа одлука, но јасно е дека ги исполнува желбите на мнозинството членки на ОБСЕ кои тврдеа дека присуството на Лавров овојпат може да биде корисно. Во Скопје, според анализата на Радио Слободна Европа, се поставува уште едно прашање – кој ќе претседава со ОБСЕ?

Русија го искористи правото на вето за да се спротивстави на Естонија, која ја стави војната во Украина на врвот на агендата. Со одбивањето на оваа балтичка држава, на сцена се појави Малта, но Русија сè уште не дала одговор ниту за неа, ниту за останатите четири клучни позиции во ОБСЕ.

Доколку одговорот на Москва е негативен тоа би можело да доведе до расформирање на организацијата. Ако пак, кандидатурата на Малта биде одобрена, тоа ќе биде уште една победа за Русија бидејќи покажала оти избрала држава-претседавач која ќе има помека реторика против војната во Украина.

Изгледите во Скопје нема да бидат добри за Киев и неговите најголеми поддржувачи, бидејќи Русија ќе се врати на највисоко политичко ниво во организација каде што сè уште може да диктира значајни потези.

Алсат