Поранешниот најдобар фудбалер на светот, Бразилецот Роналдо го сподели своето мислење за создавањето на европската Суперлига.
– Тоа ќе се случи порано или подоцна. Фудбалот секогаш се развива и се подобрува. Но, не знаеме како ќе заврши. Врвните клубови бараат се повеќе пари за да ги платат играчите кои вредат сe повеќе и повеќе. Суперлигата нема да биде како претходната затоа што беше катастрофа, туку ќе се создаде нов формат, изјави Роналдо за „Марка“.
Според поранешниот напаѓач, нема дијалог меѓу фудбалските лидери за подобрување на фудбалската индустрија.
– Не разбирам зошто ФИФА и УЕФА не разговараат меѓу себе, вели тој.
Претходно, на 2 јануари беше објавено дека Реал Мадрид, Барселона и Јувентус сакаат годинава да го рестартираат проектот Суперлига.
На 19 април 2021 година, 12 клубови го објавија создавањето на Суперлигата. По протестот на навивачите и заканата со санкции од УЕФА проектот беше прекинат.