Париз Сен Жермен, под новиот тренер Луис Енрике ќе прави целосна реконструкција на тимот. Прашање е само дали реконструкцијата ќе биде со или без Килијан Мбапе. Според француските медиуми, новиот тренер отпишал 12 фудбалери.
ПСЖ моментално има 30 играчи на располагање, премногу за планот што сака да го спроведе Луис Енрике и затоа многумина ќе бараат нови клубови. Идејата на клупските челници е со отпишаните да бидат раскинати договорите. Последен кој се најде на сиспокот е Хуан Бернат, кој е во Париз веќе пет сезони. Освен него, во таа група се и неколку играчи кои минатата сезона играа како позајмени во други клубови како голманот Кејлор Навас, Абду Диало, Жоржињо Вајналдум, Колин Дагба, Јулијан Дракслер и Левин Курзава.
ПСЖ нема да направи проблем при трансферите на Мауро Икарди, Тимоти Пембеле, Леандро Паредес и Ел Шадаил Бичиаби. На оваа листа се најде и младиот Уго Ектитике, кој претходната сезона во клубот ја мина како позајмен од Реимс, но големо прашање е дали парижаните ќе го откупат неговиот договор сега кога Енрике е на клупата.