Париc Сен Жермен се чини дека веќе го реализираше првиот голем трансфер за следната сезона. „Француските медиуми јавуваат дека „светците“ платиле 60 милиони евра за голем талент на уругвајскиот фудбал кој настапува за Спортинг од Лисабон.
Мануел Угарте е 22-годишен играч за врска кој е проценет на нешто над 25 милиони евра, во договорот има откупна клаузула која изнесува шеесет милиони, а медиумите велат дека ПСЖ веќе ја активирал и наскоро започнуваат директните преговори со играчот.
Се работи за еден од најталентираните и најдобри млади играчи во светот, а оваа сезона Угарте запиша 31 настап за Спортинг Лисабон. Кариерата ја започна во Феникс Монтевидео, па преку португалски Фамаликао пристигна во Спортинг пред две сезони.
Угарте беше „мета“ на повеќе европски гиганти како Ливерпул, Интер, Барселона и Ајакс, но ретко кој можеше толку бргу да ја плати откупната клаузула, а се чини дека тоа за ПСЖ скоро никогаш не е проблем. Официјалната потврда на трансферот се очекува до крајот на следната недела, а Спортинг ќе заработи голема сума затоа што Угарте беше доведен во клубот за само 10 милиони евра.