Универзитетскиот професор Дејан Трајковски со неговите математичко статистички пресметки предвидува дека новиот бран предизвикан од омикрон сојот во земјава ќе го достигне врвот за еден месец. Иако заразата во моментот се шири со голема брзина, сепак не очекува поголема смртност од онаа во претходните бранови, ниту преполнување на болниците.
Бројот на заразени забрзано се зголемува, репродукциониот број е над 1, а за многу брзо во Македонија дневно ќе се регистрираат и над 1.000 позитивни на вирусот. Вакви се статистичките анализи на професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, кој вели дека омикрон сојот е причината за брзото ширење на коронавирусот. Врвот на овој бран, според Трајковски, се очекува за еден месец, а бројот на позитивни случаи вели ќе биде поголем од капацитетите за тестирање
Очекувам за 10 до 15 дена да видиме над 1000 случаи, а вистинскито максимум не знаеме колкав ќе биде, затоа што е ограничен со бројот на тестирања. Во Македонија слабо се тестира, доколку се тестира како во некои европски држави, ние најверојатно би виделе и над 3.000. Но поради малиот број тестови прашање е дали дневно ќе има по 2.000 случаи. Тие максимални бројки ќе ги видиме на почетокот на февруари, вели Трајковски.
Иако, според Трајковски, заштитата на вакцините од заразување опаѓа, сепак се уште е висок процентот на нивна заштита од смртен исход. И покрај големата заразност, не очекува поголем број на починати од последици предизвикани од КОВИД-19, ниту пак преполнети болнички капацитети, затоа што омикрон дава полесна клиничка слика.
Со голема сигурност може да се предивиде дека нема да се преполнат болниците. Речиси сигурно нема да достигнеме 1500 хоспитализирани. Тука помага и скратеното време за затворање на случаите. Од омикрон сојот хоспитализираност трае од 3 до 5 дена. Така што дури и да имаме зголемен наплив на хоспитализирани случаите брз ќе се затвораат, вели Трајковски.
Сепак професорот Трајковски не може да прогнозира дали наскоро ќе има крај на пандемијата, затоа што вели не се знае дали во наредниот период ќе се појават мутации на вирусот кои ќе бидат отпорни на вакцините и прележаност. Но очекува дека ќе премине од пандемија во ендемија, со повремени пандемиски размери.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.