Денес во 12.00 часот во Промотивниот центар на Саемот на книгата ќе се одржи промоција на книгата за деца „Кошница со калинки“ од Марина Мијаковска која е македонска поетеса, есеист, прозаист и книжевен критичар.

Таа е доктор на науки и активен член на Друштвото на писатели на Македонија. Мијаковска пишува поезија, есеи, проза и книжевни критики. Добитник е на бројни награди како на пример: на наградата „Караманов“ и Македонска книжевна авангарда, наградата Крсте Чачански, наградата „Бели мугри“, наградата „Даница Ручигај и други.

Автор е на повеќе од 10 дела за возрасни и две за деца.  „Кошница со калинки“ е втора нејзина книга за деца.

Книгата – сликовницата „Кошница со калинки“ е иновативна, инвентивна и едукативна сликовница наменета за децата од предучилишна и од рана училишна возраст. Приказната во книгата ги едуцира децата на сликовит начин да дознаат каде, кога и како расте, цути и созрева калинката, каква боја има цутот, а каква плодот, што содржи и зошто е здраво да се јадат калинки. Книгата ја развива љубопитноста кај децата и говорните вештини преку ликот на девојчето со име Калина која набљудувајќи го дрвото со калинки во бабината градина, учи за нив. Тајната на Калина се крие во благословот на кошницата со собраните калинки.

Книгата е живописно илустрирана од страна на илустраторот Игор Јовчевски. Илустрациите во оваа книга се живи, сликовити, тие се во функција на текстот и говорат на сите светски јазици наместо текст, со што ја оживуваат приказната со изразен приказ на дејство и динамичност. Тие го поттикнуваат мисловниот процес и ја развиваат имагинацијата кај детето.

Промотор на книгата е Јованка Ефтимова заедно со децата од градинката „Павлина Велјанова“ од Кочани, кои денес ќе допатуваат специјално за оваа промоција на Саемот на книгата.

Текстот Промоција на „Кошница со калинки“ од Марина Мијаковска е превземен од МАКФАКС.