Основниот суд во Приштина им одреди мерка притвор на Наим Мурсели, Гранит Плава и Куштрим Кокала за убиството на Лиридона Адемај . Мурсели и Плава се товарат за кривичното дело тешко убиство, а Куштрим Кокала за „спогодба за извршување на тешко убиство“.
На тројцата им е изречена мерка притвор од еден месец.
„Постои основано сомнение дека обвинетиот Н.М со намера на лукав начин да ја лиши од живот сопругата се договорил со обвинетиот Г.П да ја убијат сега починатата Л.М., при што претходно обвинетиот Н.М го опремил обвинетиот Г.П со оружје и исценирал кривично дело Разбојништво кое било извршено на 29.11.2023 година околу 20:25 часот во с.Берница, општина Приштина. Додека пријавениот Н.М управувал со својот автомобил, во кој била сега починатата и нивните две деца, пред автомобилот со маска на главата и револвер во рака се појавил обвинетиот Г.П.. Според претходен договор од автомобилот излегле обвинетиот Н.М и децата и го напуштиле местото на настанот, додека во автомобилот останала жената, која обвинетиот Г.П ја застрелал од непосредна близина со куршум во вратот. Како последица на смртоносната рана, Л.М починала на лице меато. За овие дејствија, пријавениот Н.М претходно му ветил на обвинетиот Г.П сума од 30.000 евра“, наведуваат од Основниот суд во Приштина.
Судењето кое се одржа денеска беше далеку од очите на медиумите, а не учествуваа ниту членовите на семејството.
Присутен пред судот беше братот на починатата Лиридона Адемај, Леонард.
„Лиридона е убиена на најсуров можен начин. Таа беше силна сопруга, сестра и мајка и се покажа дека е хероина и за нејзините деца. Се воздржуваме затоа што таа никогаш не сакаше да не види во оваа состојба“, вели Леонард.
На влезот од зградата на Судот протест одржа Колективот за феминистичка мисла и акција со натпис „Нема мир без безбедност на жените“.
Саранда Селими