Претседателството на Босна и Херцеговина денес едногласно одлучи да го номинира американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир истакнувајќи ја неговата „посветеност на воспоставување траен мир во Појасот Газа“, пишува „Кликс.ба“.
Оваа одлука, која претставува прва официјална номинација за претстојниот циклус на доделување на престижната награда, е донесена со консензус на сите тројца членови на Претседателството – Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ.
Во образложението се наведува дека американскиот претседател одиграл клучна улога во посредувањето меѓу израелската и палестинската страна, а неговите дипломатски напори резултирале со прекин на конфликтот и отворање на патот за нов мировен процес на Блискиот Исток.
Денешната одлука дојде речиси два месеца откако Жељка Цвијановиќ првпат презентира предлог за номинација. Нејзиниот предлог беше одбиен во август бидејќи не ги исполнуваше потребните формални критериуми.
Да потсетиме дека предлогот на Жељка Цвијановиќ дури и не беше вклучен на дневен ред на седницата на Претседателството во август оваа година. Членовите Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ потоа сметаа дека предлогот не е формално комплетен, односно дека му недостигаат објаснување и процедурални елементи потребни за официјална номинација.
Кабинетот на Беќировиќ потоа изјави дека „никој не го оспорува правото да се дискутира за предлогот, но дека документите мора да бидат подготвени на сериозен начин“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, неодамна одигра клучна улога во мировните преговори, што резултираа со прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, ослободување на заложниците и отворање хуманитарни коридори. Неговата администрација го посредуваше договорот со поддршка на Египет и Турција, а многу меѓународни медиуми го опишаа како „историски дипломатски пробив“.
По денешната одлука, се очекува Претседателството на БиХ набргу и официјално да ја достави номинацијата до Нобеловиот комитет во Осло.
Фото: ЕПА
Текстот Претседателството на БиХ едногласно го номинира Трамп за Нобелова награда за мир е превземен од МАКФАКС.