Фудбалскиот клуб Њукасл од пред извесно време е во рацете на саудискиот принц Мохамед бин Салман. Тој акциите на клубот ги купи за 300 милиони фунти преку својот државен инвестициски фонд, кој пак тежи неверојатни 300 милијарди долари.

Факт е дека Њукасл моментално ги има најбогатите сопственици во светот на фудбалот, а премиерлигашките клубови преземаа чекори да се заштитат од нелојална конкуренција.

Од вкупно 20 клубови, 18 изгласаа забрана Њукасл да биде спонзориран од компании кои се поврзани со државата Саудиска Арабија. Нормално Њукасл беше против оваа забрана, но единствениот клуб кој беше воздржан беше Манчестер сити. Токму „граѓаните“ се во слична ситуација бидејќи ги поседува шеикот Мансур, кој е член на кралското семејство на Абу Даби.

„Да не ја изгласавме оваа забрана, ништо немаше да го спречи Њукасл да потпише спонзорски договор од 100 милиони фунти на пример со некоја саудиска компанија. Тие пари ќе ги искористеа уште во јануари за нови фудбалери и ќе го заобиколеа финансискиот фер-плеј“, изјавил еден висок функционер на премиерлигашки клуб.