Патниците кои планираат да летаат во или од 11 големи германски аеродроми денеска ќе мора да се снаоѓаат на друг начин, јави ДПА.
Персоналот за аеродромска безбедност на аеродромите во Франкфурт, Хамбург, Бремен, Берлин, Лајпциг, Дизелдорф, Келн, Хановер, Штутгарт, Ерфурт и Дрезден почна еднодневен штрајк кој треба да трае до вечерва.
Синдикатот Верди го почна штрајкот доцна синоќа на аеродромот во Келн/Бон, каде, според Верди, ноќната смена за контрола на патниците не се појавила на работа. Стапката на учество таму беше 100 проценти, соопшти портпаролот на синдикатот Озај Тарим.
– Тоа беше успешен почеток на штрајкот, рече тој.
Околу 80 отсто од движењата на летовите планирани за денеска во Келн/Бон се откажани, соопштено е утрово на веб-страницата на аеродромот. Тарим очекува оваа пропорција да се зголеми во текот на денот.
На аеродромите во Берлин, Хамбург и Штутгарт откажани се сите полетувања. Во Дизелдорф, пак, откажани се само една третина од летовите, а две третини се уште се планирани.
Тарим го критикуваше фактот дека една компанија за обезбедување на аеродромот во Дизелдорф понудила дополнителна исплата од 200 евра (216 долари) за вработените да дојдат на работа и покрај штрајкот. Според него, ваквиот „бонус за кршење на штрајкот“ е провокација.
Во Франкфурт, водечкиот германски авиопревозник Луфтханза планира да спроведе поголем дел од својата програма, вклучително и летови на долги релации. Ќе бидат понудени и летови за трансфер на патници. Сепак, превозникот предупреди дека патниците може да се соочат со подолго време на чекање во транзитната зона.
Според проценките на асоцијацијата на аеродроми АДВ, околу 1.100 летови ќе бидат откажани или одложени. Ова би влијаело на околу 200.000 патници.
Нормалните летови најверојатно ќе продолжат утре. Следниот штрајк на Верди е токму утре и тоа на на национално ниво во локалниот јавен превоз.
Аеродромите во јужната германска покраина Баварија, вклучително и во Минхен и Нирнберг, не се засегнати од штрајкот бидејќи безбедносниот персонал таму има работници од јавниот сектор покриени со поинаков синдикален договор.
Луфтханза нуди бесплатна пререзервација за погодените патници до 8 февруари.
Синдикатот Верди го свика штрајкот поради колективните преговори со приватни фирми за воздухопловна безбедност. Синдикатот бара зголемување на платите и други бенефиции за околу 25.000 вработени во обезбедувањето на аеродромите.
Шефот на АДВ Ралф Бејзел се пожали дека аеродромските оператори ќе страдаат од штрајковите иако не се вклучени во работните разговори.
Тарим за ДПА изјави дека работниците се надеваат дека ќе испратат јасен сигнал до работодавците и ќе го зголемат притисокот за отстапки на преговарачката маса.
Синдикатот бара покачувања од 2,80 евра на час. Платите на работните места во воздухопловната безбедност во моментов почнуваат од 20,60 евра на час.
Портпаролот на Здружението на компании за воздухопловна безбедност (БДЛС) рече дека работодавците понудиле зголемување на платите за 4 отсто за оваа година и 3 отсто за следната година, но го отфрлиле барањето на синдикатот.
Германија беше погодена од серија штрајкови на работниците во транспортот во текот на минатата недела.
Повеќедневниот национален штрајк против државната железница Дојче Бан од страна на синдикатот на машиновозачите ГДЛ заврши во понеделникот, додека за утре е закажан посебен еднодневен штрајк на работниците во локалниот јавен транспорт во поголемиот дел од земјата.