Портпаролот на полското Министерство за надворешни работи, Павел Вроњски, потврди дека Полска ќе испрати протестна нота до Русија откако беспилотно летало за кое се верува дека е руско експлодираше синоќа во источна Полска.

Тој изјави за полската телевизија ТВН24: „Секако, свесни сме – како што се случи и во минатото – дека Русија генерално не признава никаква одговорност за она што паѓа на наша територија, бидејќи овие беспилотни летала всушност се составени од делови од целиот свет.

Овој пат има поважни причини, друг елемент на дипломатска активност од пошироко значење. Имено, секако ќе ги информираме нашите сојузници за целиот случај и ќе ги презентираме сите други примери за кршење на полскиот воздушен простор.

Зошто е ова важно? Во неодамнешните разговори за прекин на војната, постоеше мислење дека овој конфликт не е само војна на периферијата на Европа, туку ситуација што ја загрозува не само Украина, туку и Европа, вклучувајќи ги и земјите од НАТО опфатени со Член 5 од Вашингтонскиот договор.

И така, тука имаме видливи докази дека полскиот воздушен простор е исто така загрозен од оваа војна, дека нешто може да се случи, нешто може да експлодира, дека не е безбедно, дека луѓето можат да настрадаат и дека безбедноста на сојузниците на Северноатлантската алијанса е загрозена.“

Полскиот вицепремиер и министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш потврди дека се верува дека дронот што експлодираше во Полска синоќа потекнува од Русија.

„Русија повторно ги провоцира земјите од НАТО по инцидентите со дронови во Романија, Литванија и Латвија“, рече тој.

фото: принтскрин

Текстот Полска ќе испрати протестна нота до Русија поради падот на воен дрон на истокот на земјата е превземен од МАКФАКС.