Двојно државјанство, обединување на семејствата на бегалците и повеќе визни можности – ова се само дел од ветувањата на партиите од новата германска владејачка коалиција.
Меѓу ветувањата наведени во коалицискиот договор од 177 страници, кој е објавен во средата од Социјалдемократите (СПД), Зелените и слободните демократи (ФДП, либерали), е и радикалната промена на законите за германско државјанство и миграција.
„Сакаме нов почеток во политиката на миграција и интеграција, како што треба да биде во модерна имигрантска земја“, се вели во текстот.
Поради рестриктивните правила за двојно државјанство, Германија има една од најниските стапки на двојно државјанство во Европа, пренесува Дојче веле.
Конкретно, договорот ветува дека ќе дозволи двојно државјанство за мигрантите во Германија, што во моментов обично им е дозволено само на граѓаните на ЕУ и Швајцарија, како и забрзување и поедноставување на барањата за азил и дозволите за престој.