„Она што се случува во Украина и за жал војната се уште трае, за која што Република Северна Македонија уште од самиот почеток има многу јасни позиции и политичка осуда на неоправданата руска агресија, меѓутоа и во поглед на поддршка и политичка но и воена поддршка кон Украина, укажува на фактот дека она што на почетокот беше сценариото што многумина го очекуваа тоа да Русија ја изврши својата мисија во рок од два дена или за неколку часа, всушност не е успешно и она што украинскиот народ и украинската војска и украинската власт го прави е навистина нешто кое треба да биде поддржано. Не само заради Украина, затоа што Украина е демократска земја која има право да се одбрани, меѓутoа затоа што тоа е војна која се води на Европско тло и е војна повеќе за опстојување на демократските принципи,“ рече министерката за одбрана и претседавач на Централниот одбор на СДСМ, Славјанка Петровска, во емисијата „360 степени“ која се емитува на МРТВ 1, на прашањето што би се случило со балканските земји доколку Русија опстои и ја победи Украина ако САД ја прекине поддршката на Украина и дали постои таква директна закана за земјава.
Петровска смета дека ако не се продолжи со поддршката на Украина на начин како што тоа се прави досега и за што впрочем и сојузниците во НАТО алијансата се обединети, дека тоа нема да донесе добро ниту на Европа, ниту за земјите од Западен Балкан.
На прашањето што мисли Бајден кога зборува што ќе се случи со Балканските земји,дали мисли на воена закана, Петровска посочи дека не верува дека со тоа се мисли на директна конвенционална воена закана, иако во некои земји, особено на земјите кои не се членки на НАТО алијансата, не е исклучен таков вид на конфликт.
„Дестабилизација значи и во политичка смисла, кога имате нестабилни влади, кога имате процеси демократски кои запирааат одеднаш, кои добиваат некои други текови. Тоа значи политичка дестабилизација и некогаш таквите влијанија, повторно ќе кажам и дестабилизацијата во политичка смисла и демократска смисла на зборот можат да траат и долго меѓутоа и да направи многу поголема штета,“ рече Петровска.
На прашањето зошто е одбино едно од последните барања за воена помош на Украина, наспроти ставот дека, поддршката за Украина треба да опстои, Петровска се осврна на фактот дека тоа е едно од десетиците барања досега и причината за неговото одбивање е заради тоа што опремата која што била побарана е дел од борбената готовност на Армијата.
„Јас од првиот момент кога почнавме да одговараме позитивно на барањата, тогаш пак имаше една друга теза дека со давањето на таа опрема и вооружување ја намалуваме борбената готовност, па бев прогласувана и за предавник, но уште од тогаш кажав без разлика што и да ни е побарано, ако ставот на Генерал штабот е дека опремата која е предмет на барањето може да биде дадена и нема да се наруши борбената готовност на Армијата,“ подвлече Петровска.