Кремљ потврди дека Украина ќе биде дел од преговорите со Русија и САД на еден или друг начин, но клучните преговори ќе останат билатерални меѓу Москва и Вашингтон, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков нагласи дека главниот преговарач во овој процес е Вашингтон, пренесе руската државна агенција.
„Украина ќе учествува во преговорите на еден или друг начин. Се разбира, постои билатерална руско-американска линија на дијалог, но и линија која ја вклучува Украина“.
Оваа изјава доаѓа по турбулентните 24 часа во кои американскиот претседател Доналд Трамп телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и најави дека наскоро ќе започнат преговорите меѓу САД и Русија за ставање крај на војната во Украина. Сепак, Украина беше речиси целосно изоставена од неговите јавни изјави, анализираат светските медиуми.
Во исто време, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет го нарече враќањето на старите украински граници „илузорна цел“. Подоцна истиот ден, Трамп избегна директен одговор на прашање за улогата на Украина во преговорите, велејќи: „Интересно прашање“.
Тој додаде дека Украина мора да најде начин да постигне мир и посочи дека „тоа беше војна во која не требаше да се влезе“.
Одлуката на администрацијата на претседателот Трамп да ја намали улогата на Украина во преговорите со Русија и повторно да ги отвори каналите за комуникација со Кремљ, предизвика загриженост кај европските лидери.
„Независноста и територијалниот интегритет на Украина се безусловни“, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас. „Наш приоритет мора да биде зајакнување на Украина и обезбедување силни безбедносни гаранции.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обиде да проектира оптимизам по неговиот разговор со Трамп, опишувајќи го како „смислен разговор за мирот“. Сепак, еден ден подоцна тој беше значително поостар, нагласувајќи дека тој и полскиот премиер Доналд Туск се согласиле дека „никакви преговори со Путин не можат да започнат без обединета позиција на Украина, Европа и САД“.
„Ги предупредив и светските лидери да не веруваат во тврдењата на Путин за неговата подготвеност да стави крај на војната“, заклучи Зеленски, според „Политико“.
Текстот Песков: Украина ќе учествува, но клучни преговарачи се Русија и САД е превземен од МАКФАКС.