Во сите 18 болници во Романија кои утрово беа мета на кибер напад, се преземени безбедносни мерки, соопшти Националната дирекција за кибер безбедност (ДНСЦ).
Системот за медицински услуги во овие медицински установи е од ИТ компанија чиј сервер бил нападнат со злонамерен софтвер познат како „откуп“, се вели во информацијата. Експерти од организацијата и информатичари започнаа истрага за случајот.
-Во сите болници каде функционира овој тип на компјутерски систем преземени се безбедносни мерки како ограничување на интернетот, зачувување податоци на надворешни медиуми итн. Активирани се вонредни превентивни мерки за останатите медицински установи кои не беа погодени од нападот, објави одделот на својата официјална веб-страница.
Во моментов, како што информираат од ургентната болница „Багдасар-Арсени“ во Букурешт, работат офлајн.
Меѓу погодените медицински установи, три се од романската престолнина, останатите се во Азуга, Баја Маре, Констанца, Темишвар, Тарговиште, Питешти, Бузау итн. Во моментов, медицинските услуги таму не можат да се регистрираат. Останува да се утврди како ќе се пријавуваат и регулираат овие услуги, бидејќи доколку не можат да се внесат во системот, болниците нема да можат да добиваат пари од Фондот за здравствено осигурување.