Обединетите нации повикуваат на огромно зголемување на хуманитарната помош за Газа по прекинот на огнот меѓу Хамас и Израел, велејќи дека стотиците камиони со залихи дозволени во опустошената енклава не се ни блиску до нивото потребно за ублажување на хуманитарната катастрофа.

Том Флечер, шефот за хуманитарни прашања на ОН, во интервју за „Ројтерс“ изјави дека илјадници возила за помош мора да влегуваат во Појасот Газа секоја недела за да се избегне понатамошна катастрофа.

„Имаме 190.000 тони залихи што чекаат да влезат на границата и сакаме да ги внесеме. Ова е неопходна храна што спасува животи“, рече Флечер.

Двегодишната воздушна и копнена офанзива на Израел против палестинската милитантна група Хамас ги протера речиси сите 2,2 милиони жители на Газа од нивните домови, според меѓународните организации.

Израелските власти рекоа дека на 600 камиони им е одобрено да влезат во енклавата според сегашниот договор за прекин на огнот посредуван од САД. Флечер го нарече тоа „добра основа“, но забележа дека не е доволно со оглед на потребите.

Тој побара на повеќе од 50 меѓународни невладини организации, вклучувајќи ги Оксфам и Норвешкиот совет за бегалци (НРЦ), да им биде дозволено да донесат хуманитарна помош, велејќи дека Израел, САД и другите регионални партнери биле информирани за ова прашање.

„Не можеме да ги доставиме потребните количини без нивно присуство и ангажман. Затоа сакаме да се вратат внатре. Се залагаме во нивно име“, рече тој. Додаде дека грабежите на камиони со хуманитарна помош, што беше чест проблем за време на конфликтите, нагло се намалија во последните денови, додека количината на доставена помош се зголеми.

„Ако имате само 60 камиони што доаѓаат дневно, очајни, гладни луѓе ќе ги нападнат тие камиони. Начинот да се запре грабежите е да се добие помош во масовно ниво и повторно да се отворат приватниот сектор и пазарите.“

Фото: ЕПА

Текстот ОН: Имаме 190.000 тони залихи што чекаат да влезат во Газа, тоа не е доволно е превземен од МАКФАКС.