Норвешките власти денеска соооштија дека од идната недела ќе ги затворат своите граници за руските туристи, не дозволувајќи им директен пристап до Шенген зоната.
Иако не е членка, Норвешка го следи примерот на ЕУ, која презеде слична мерка по руската инвазија врз Украина. Таа скандинавска земја дели 198 километри копнена граница на Арктикот со Русија.
-Одлуката за заострување на правилата за влез е во согласност со пристапот на Норвешка да застане на страна на своите сојузници и партнери како одговор на илегалната агресија на Русија против Украина, изјави министерката за правда Емили Енгер Мехл.
Норвешка, членка на НАТО, речиси престана да издава туристички визи за руските граѓани од пролетта 2022 година. Само имателите на долгорочни визи издадени пред тој датум или имаат виза издадена од друга шенгенска земја може да ја преминат границата.
Од 29 мај ќе им биде забранет влез во Норвешка.
Предвидени се исклучоци, соопшти Министерството, особено за руските граѓани кои посетуваат членови на блиско семејство кои живеат во Норвешка и оние кои работат или студираат во таа земја или други земји од Шенген зоната.
Иако не е членка на ЕУ, Норвешка е тесно поврзана со неа и ги усвои речиси сите санкции што Брисел ги воведе против Русија.