Норвешката полиција денеска соопшти дека запленила норвешки брод со руски екипаж поради сомнение за вмешаност во оштетување на оптички кабел во Балтичкото Море. Според полицијата, заплената била извршена на барање на летонските власти, пренесува Ројтерс.
„Бродот е осомничен дека е вмешан во сериозно оштетување на оптичкиот кабел во Балтичкото Море меѓу Летонија и Шведска“, се вели во полициското соопштение.
Бродот, кој е во сопственост на Норвешка и пловел под знамето на таа земја, пловел од Санкт Петербург во Балтичкото Море до Мурманск на рускиот Арктик, соопшти полицијата.
Претходно, летонскиот портал LSM, повикувајќи се на сопственикот на кабелот, Летонскиот државен радио и телевизиски центар, објави дека во неделата е оштетен подморскиот оптички кабел меѓу Летонија и Шведска, најверојатно поради надворешни влијанија, пренесува РИА Новости.
Летонската морнарица испратила патролен чамец до местото каде што се посомневало дека кабелот е оштетен и го контактирала НАТО, пренесува Танјуг.
Текстот Норвешката полиција заплени брод со руски екипаж поради оштетување на оптичкиот кабел е превземен од МАКФАКС.