Руската армија денеска соопшти дека е подготвена да го почитува примирјето во секое време во целиот или дел од индустрискиот комплекс „Азовстал“, последното упориште на украинските бранители на Мариупол, со цел да се овозможи евакуација на цивили и предавање на војниците.

Advertisements

„Хуманитарното примирје ќе започне кога украинските вооружени сили ќе покажат бели знамиња на целиот или на дел од ‘Азовстал’“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.

Во него се тврди дека евакуираните цивили ќе можат да изберат дали сакаат да одат во област под украинска или руска контрола, а украинските војници ќе бидат добро третирани, а ранетите ќе бидат згрижени.

„Оваа хуманитарна иницијатива на Руската Федерација ќе важи 24 часа“, додаваат од министерството, истакнувајќи дека автобусите и автомобилите, како и амбулантните возила се секогаш подготвени за превоз на луѓе.

Министерството соопшти дека го испратило предлогот до украинската вицепремиерка Ирина Верешчук, ОН, ОБСЕ и Меѓународниот комитет на Црвениот крст и дека повикот ќе се емитува до украинските војници во „Азовстал“ на секои 30 минути, на сите радио станици.

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот изјави дека стратешкото пристаниште Мариупол е освоено по речиси два месеца жестоки борби, иако фабриката за челик „Азовстал“ сè уште е во рацете на Украина.