Коалицијата АА-ААА беше во Куманово, општина во која настапуваат со Беким Салиу. Во неговиот говор, Салиу рече дека ќе ги реши проблемите на жителите и ќе изгради инфраструктура во албанските населени места.

„Нашата платформа нуди чист пат за решавање на сите нашите проблеми, еднаква инфраструктура во албанските населени места како во македонските, тоа ќе биде мој приоритет како кандидат ваш и на нашите советници, ќе ја средиме и канализацијата“, истакна Беким Салиу.

ДУИ во Липково и на овие избори се натпреварува со Еркан Арифи. Оваа партија денеска таму одржа митинг а преку носителот на советничката листа, Зекирија Шаини, ја претстави предизборната програма.

„Изградба на водоводна мрежа, урбанизација на многу населени места, асфалтирање и реконструкција на улиците во сите села. Образование со висок квалитет во нашата општина е нашиот приоритет, вклучувајќи изолација, бојадисување од надвор и фасади на централните училишта, уредување на дворовите“, истакна Зекирија Шаини.

Движење Беса беше во Боговиње. Кандидатот Фатмир Сабриу во својот говор рече дека во Боговиње веќе се чувствува струјата на промени.

„Сакаме да ги смениме корумпираните и застарени политичари со нови ликови, старите проблеми со нови идеи, заморните оправдувања со млада енергија, сакаме да ја замениме политичката неодговорност со транспарентност, корупцијата со инвестиции“, вели Фатмир Сабриу.

Во Боговиње беше и ДПА каде ја објави својата 4 годишна програма. Во оваа општина ДПА настапува со Дашмир Арифи.

„Ви ветувам дека јас максимално ќе се потрудам да ги стопам сите локализми и да работам за интересот на моите деца и на сите оние кои имаат деца и треба да растат овде, затоа да се обединиме сега бидејќи пасивноста е половина вина, не чекајте само од мене или од градоначалникот, туку сите заедно“, посочи Дашмир Алиу.

Во рамки н а предизборната кампања, АА-ААА вечерва ќе го посети Желино, ДУИ Липково а Беса Мала Речица во Тетово.