Продолжуваат тензиите и судирите помеѓу демонстрантите и полицијата во главниот град на Грузија, Тбилиси, каде втор ден се одржуваат масовни протести против , таканаречениот „руски закон“, додека парламентот на земјата продолжи со расправата за контроверзниот нацрт-закон за „странски агенти“, критикуван од западните и домашните противници како авторитарен и инспириран од Русија.
Претседателот на парламентот Шалва Папуашвили исфрли голем број опозициски пратеници пред гласањето со кое беше завршено првото рочиште на законот за странски агенти. Меѓу исфрлените се лидерот на Обединетото национално движење (УНМ) Леван Хабеишвили, пратеничката на УНМ Тина Бокучава, лидерот на Стратегија Агмашенебели, Ѓорѓи Вашадзе и пратеничката на Лело, Ана Нацвлишвили.
Публика објави дека имало врева за време на пленарната седница, при што пратениците од опозицијата удирале по нивните бироа и извикувале: „не на рускиот закон“ и „предавник“.
За денеска се планирани два протести против нацрт-законот за странски агенти кои треба да се одржат во близина на зградата на парламентот во Тбилиси. Првата се очекува да започне околу пладне зад парламентот додека продолжува првата расправа за законот, а втората е планирана за 19:00 часот пред зградата, пренесува ОЦ Медиа.
Неколку стотици демонстранти во моментов се собрани зад парламентот, додека првото рочиште за законот за странски агенти продолжува. Има значително полициско присуство.
Шалва Папуашвили, претседател на парламентот на Грузија, ги обвини демонстрантите против нацрт-законот за странски агенти дека учествуваат во насилство, наведувајќи дека „насилството стана алатка за постигнување на нивната политичка цел“.
„Овие граѓански активисти, Срамот [Движењето], клубот Френклин, кои обучуваа различни млади луѓе со странско финансирање, се покажа дека тоа е нивната Европа – насилството како алатка за постигнување политичка цел. Ова е најнеевропскиот и најнегрузискиот начин“, рече тој.
Во меѓувреме, грузискиот јавен бранител Леван Јоселиани се сретна со неколку лица уапсени за време на вчерашниот протест. Тој изјави дека двајца приведени пријавиле повреди, од кои едниот имал очигледна повреда на лицето, додека другиот пријавил дека се здобиле со повреда, иако не се гледала.
Јоселијани им рече на новинарите дека подоцна денеска ќе ги посети другите приведени.
Организациите за права го повикуваат Министерството за внатрешни работи да „запре физичката одмазда“ против демонстрантите. Девет водечки граѓански организации го повикаа Министерството за внатрешни работи да „запре физичката одмазда против мирните демонстранти“ и навремено да им даде на адвокатите информации за тоа каде се приведените. Вчера, групите за човекови права забележаа дека нивните адвокати првично не биле во можност да пристапат до информации за локацијата и состојбата на приведените.
Организациите, исто така, ја повикаа Специјалната истражна служба на Грузија да ги истражи наводните злосторства извршени од полицајци.
Опозициската партија Лело соопшти дека генералниот секретар на нивната партија, Иракли Купрадзе, бил „жестоко претепан“ од полицијата откако бил приведен заедно со други демонстранти, јавува IPN.
„Според приведените, полицијата употребила непропорционална сила и жестоко ги малтретирала приведените. Повеќето од нив беа претепани, вклучително и Иракли Купраџе“, соопштија од Лело.
Неколку врвни, светски познати грузиски спортисти ги поддржаа граѓанските протести во Грузија против таканаречениот „руски закон“.
Грузиската фудбалска ѕвезда, репрезентативецот и играч на Наполи, Хвича Кварацхелија сподели проевропска објава и приказна, пишувајќи дека „патот и иднината на Грузија оди само во Европа“.
„Напред кон Европа! Мир на Грузија!“, напиша тој.
Илија Топурија, првиот грузиски шампион на УФЦ и Мераб Двалишвили, кој моментално е на првото место на ранг-листата на УФЦ во бантам категорија, споделија проевропски објави за поддршка на демонстрантите.
„Болно е да се види како специјалците ги тепаа демонстрантите“, напиша Топурија. „Важно е гласот на грузискиот народ да се слушне и да се почитува. Штета што грузискиот народ сè уште треба да се бори за тоа. Посегнувајќи до Европа, заедно можеме да изградиме попросперитетна и мирна иднина за нашата земја.
Двалишвили напиша дека сака да одговори на „актуелните настани“ во Грузија и да го каже своето мислење дека „Грузија е и треба да биде полноправна членка на европското семејство и цивилизација“.
Драган Мишев
Прочитајте и:
Жестоки судири во Грузија поради контроверзниот закон за „странски агенти“ инспириран од Русија