Поминаа речиси 30 години откако една од најголемите ѕвезди на латинската музичка сцена, Селена Кинтанила Перез, беше брутално убиена откако кон неа пукаше Јоландa Салдивар. Тоа се случи во март 1995 година, кога имаше само 23 години. Во тоа време ја носеше титулата „Кралица на тејано музиката“, имаше толпа обожаватели и серија закажани концерти со нејзиниот бенд Лос Динос.

Многумина ја нарекуваа „мексиканската Мадона“ и уште од раното детство веруваа дека ќе има одлична кариера. На само осум години го имаше првиот концерт, а поради многубројните настапи не отиде во средно училиште, но успеа да го направи тоа ‘попатно’. На 18-годишна возраст го издаде својот деби-албум „Селена“, кој стана хит, а објави уште четири, достигнувајќи го врвот на својата слава на 23-годишна возраст.

Неодамна на филмскиот фестивал Санденс беше прикажан документарниот филм Selena Y Los Dinos, кој го истражува животот на Селена и ги пренесува приказните на најблиските кои ја познавале најдобро – нејзиното семејство. Филмот го режираше Изабел Кастро.

Филмот го следи претходно снимениот материјал за животот на Селена, вклучувајќи го документарниот филм Selena Remembered од 1997 година, биографскиот филм Селена од 1997 година, со Џенифер Лопез во главната улога и драмата во два дела на Нетфликс од 2020 годинa.

Исто така, филмот ги вклучува и нејзините музички и криминалистички емисии снимени за нејзиниот случај. Ова е првиот филм во кој учествувале членови на нејзиното семејство и содржи досега невиден архивски материјал. Посебно трогателни моменти се старите интервјуа на Селена во кои таа зборува за нејзината амбиција, кариера, а особено она во кое кажува како би сакала да ја паметат.

Приказната е хронолошки подредена и го прикажува подемот на пејачката родена во Тексас од пеење на традиционалните роденденски забави во Латинска Америка до хит песни и распродадени стадионски концерти. Прикажани се нејзините проби, раните свирки, зголемениот медиумски интерес за неа, договорот за снимање и настапите во живо.

Во филмот се појавуваат и нејзиниот татко Абрахам, братот Абрахам Јуниор, гитарист, текстописец и продуцент и сестрата Сузет, тапанар за бендот Лос Динос. Сите тие зборуваа за нивната блиска врска со Селена и нејзиниот успех.

Сопругот на Селена и поранешен колега од бендот, Крис Перез, со кого таа беше во брак од 1992 до 1995 година, откри некои други страни на пејачката – импулсивната, романтична и тврдоглава која постојано беше во судир со студената, моќна жена која ја имаше власта над публиката, музичките директори и новинари, пренесува „Холивуд Репортер“.

Премиерата на филмот е закажана на 30-ти јануари, а ќе биде достапен на онлајн платформата на Санденс од 30-ти јануари до 2-ри февруари 2025 година.

Многумина ја сметаа за икона за убавина, а освен што заработуваше од музика и манекенство, Селена дизајнираше облека и отвораше бутици со сопствена линија на облека.

Јоланда Салдивар била една од нејзините пријателки, која Селена ја вработила како менаџер на бутик и оттука започнале проблемите.

Вработените ги предупредиле Селена и нејзиниот татко Абрахам дека Јоланда е проблематична.

Селена слепо и верувала и ја унапредила. Таа стана претседателка на фан клубот Селена. Во 1995 година, обожавателите му се јавија на таткото на Селена и се пожалија дека не добиле ништо иако платиле за членство. Абрахам истражувал се и дознал дека Јоланда краде.

Дури тогаш Селена им поверувала на вработените и се соочила со Јоланда во мотелот. Тие се расправаа за финансиите, а Јоланда извади пиштол од чантата и ја застрела Селена во грб додека излегуваше од собата. Селена успеала да стигне до рецепцијата и рекла дека Јоланда пукала во неа, а иако итната помош во градот Корпус Кристи во Тексас брзо пристигнала на местото на злосторството, пејачката не ја преживеала операцијата во болница и починала час и половина откако Јоланда ја застрелала.

На Јоланда и се судеше за убиство, иако таа и нејзиниот адвокат тврдеа дека сето тоа било несреќен случај и дека сакала да се самоубие, а не да убие. Таа моментално ја отслужува казната во затвор во Тексас, а оваа година имала право на условно ослободување.

Текстот На 23 години беше на врвот на славата, а потоа ја уби нејзина пријателка, најавен документарен филм е превземен од МАКФАКС.