Помалку од еден месец од првиот круг од претседателските избори во Франција, актуелниот претседател, Емануел Макрон се уште води со поддршка од 30 отсто од гласачите, објави француската онлајн телевизија БФМТВ резултатите од последното истражување на јавното мислење.
Според анкетата на здружението „Харис“, Макрон останува фаворит и е далеку пред кандидатот на екстремната десница Марин Ле Пен која би освоила 19,5 отсто од гласовите и кандидатот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон, со 13,5 отсто.
Според резултатите од претходните анкети, се чини дека Макрон и Ле Пен би можеле да влезат во вториот круг од изборите, со што би се повторила ситуацијата како пред пет години – и двајцата влегоа во вториот круг, а Макрон убедливо ја победи својата екстремно десничарска противничка Марин Ле Пен.
Вториот кандидат на екстремната десница Ерик Земур падна на анкетите и е на четвртото место со 11 отсто гласови. На анкетите падна и кандидатката на десницата Валери Пекрес со 10,5 отсто од гласовите.
Претседателските избори во Франција се закажани за два круга, на 10 и 24 април, а годинава се совпаѓаат со француското шестмесечно претседавање со Советот на Европската унија.
Како и многу француски медиуми, БФМТВ нагласува дека анкетите не го предвидуваат исходот од изборите, туку укажуваат на моменталната рамнотежа на силите и јавното мислење.