По напнатиот и насилен ден, ситуацијата во северно Косово денес е посмирена. Во Звечане, Лепосавиќ и Зубин Поток имаше помалку демонстранти, а силите на КФОР поставија бодликава жица пред објектот на општината Звечане.
Здружението на новинари на Косово објави дека некои новинари, кои ги следат настаните на северот, повторно биле цел на голем број напади, односно дека маскирани лица нападнале новинари од различни медиуми во Лепосавиќ, а и скршиле камера.
Срѓан Милосављевиќ, поранешен претседател на Општинското собрание во Звечане, рече дека покрај барањето за повлекување на косовската специјална полициска единица и албанските градоначалници, Србите сега бараат и ослободување на уапсените за време на вчерашните протести.
„Бараме слобода за нашите граѓани кои неправедно се уапсени Радош Петровиќ и Душан Обреновиќ, наше право е, но и морална обврска е ако не бидат ослободени, да се собереме утре во сите општини на северно Косово во поголем број од вчера“, рече Милосављевиќ.
Како одговор на неодамнешните немири на северот на Косово и повредените 30-те припадници на мисијата на НАТО во Косово, во тој дел, Северноатлантската алијанса одлучи да ги ангажира резервните оперативни сили за Западен Балкан, кои се во состојба на готовност за дејствување. НАТО одлуката ја објави на Твитер. Според НАТО, одлуката за зголемување на бројот на силите е донесена со цел КФОР да може да ја гарантира безбедноста, во согласност со својот мандат.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеф Борел, рече дека Косово треба да ги прекине полициските операции околу општинските згради во северниот дел на државата како „прв чекор за деескалација на тензиите, а насилните демонстрации да запрат“. Тој, исто така, рече дека ЕУ очекува страните да се вклучат во дијалогот и да го отворат патот за имплементација на Договорот кон нормализација на односите.
– Очекувам од Косово да ги прекине полициските операции поврзани со општинските згради во северно Косово, а насилните демонстрации да запрат“, рече Борел.
Борел рече дека разговарал и со косовскиот премиер Албин Курти и со српскиот претседател Александар Вучиќ, и дека од нив побарал „веднаш и безусловно да ја смират ситуацијата“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на состанокот со амбасадорите на земјите од Квинт, побара повлекување на специјалните единици на косовската полиција од северно Косово, како и на градоначалниците од албанска националност. Вучиќ, исто така, се сретна со рускиот амбасадор во Белград, додека Кина и Русија ги поддржаа барањата на Србите.
Во меѓувреме, тим воени лекари отпатува од Унгарија за Косово за да се грижи за унгарските војници на КФОР, кои беа повредени за време на судирите во Звечане со српските демонстранти. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека повредените не се во животна опасност. Мировната мисија на НАТО, КФОР, објави дека 30 војници, меѓу кои 19 Унгарци и 11 Италијанци, биле повредени во судирите претходниот ден.
Шкелзен Аќифи