Претставата „Народен пратеник“ на МНТ продолжува со успешната регионална турнеја.
На 24 октомври, во главната натпреварувачка програма, ова сценско остварување ќе биде изведено на сцената на театарот „Бора Станковиќ“ во Врање, Србија, како дел од 45. издание на реномираниот театарски фестивал „Борини позоришни дани“.
Со ова дело, Бранислав Нушиќ уште еднаш потсетува дека смеењето е најсилното оружје против глупоста и корупцијата. Неговата извонредна сатира за човековата суета, лицемерието и алчноста, преку ироничен хумор го пресликува малиот човек што, стекнувајќи политичка моќ, губи морален компас. Критичарите ја истакнуваат важноста на оваа драма, која нуди реалистичен приказ на општествените односи, засновани врз корупција и лицемерие, додека истовремено им се потсмева на политичката култура и на народната наивност. „Народен пратеник“ е безвременско дело, бидејќи темите за амбицијата, поткупот и честољубието и денес се актуелни.
Во режија на Егон Савин, еден од водечките театарски режисери на Балканот, во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Селекторот на годинашното фестивалско издание, д-р Мирослав Радоњиќ, во селекцијата вклучи седум претстави од водечки театри од регионот, кои ќе се натпреваруваат за главните награди на фестивалот и една претстава што ќе биде изведена во чест на наградените.
Освен Македонскиот народен театар, во натпреварувачката програма учествуваат: Театар „Бора Станковиќ“ – Врање, Битеф театар – Белград, Народно позориште – Белград, Народно позориште на Република Српска – Бања Лука, Градско позориште „Семберија“ – Бијељина и Звездара театар – Белград.
„Борини позоришни дани“ годинава се одржува од 21 до 28 октомври и веќе четири и пол децении претставува значаен културен репер на српската и регионалната театарска сцена, промовирајќи квалитетни сценски уметности и отворајќи простор за дијалог меѓу различни естетики, поетики и културни контексти.
Со учеството на овој значаен фестивал, МНТ уште еднаш ја потврдува стратегиската ориентација кон регионална соработка, културна размена и афирмација на македонската театарска уметност пред пошироката меѓународна јавност.
Текстот „Народен пратеник“ на МНТ продолжува со регионалната турнеја, следна станица „Борини позоришни дани“ е превземен од МАКФАКС.