Денеска, со почеток од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи мултимедијалниот проект „Мечтаење помеѓу празното и празнината“ – солистички концерт на авторска музика на Билјана Петровска (соло пијано) и сценска визуелна инсталација на Марина Цветановска-Мартиновска.
За проектот:
Потребата да се дополнуваат музиката и визуелното во просторот е карактеристика на наведените уметнички во претходните уметнички настапи, од каде и произлегува оваа идеја. При тоа наоѓајќи ја заедничката фреквенција преку современ пристап и обработка на заедничка тема мечтаењето, желбите и потребите на луѓето во секојдневието. Всушност создавајќи ги своите форми за сценската инсталација, Марина ги работи под инспирација на музиката на Билјана Петровска.
Музиката на албумот на Билјана е инспирирана од мелодии и мотиви фолклорни песни, од она за кое се претпоставува сите го имаме запишано во нашиот код. Самиот стил на компонирање, амбиентален и медитативен донесува моменти во кои се чувствува инспирацијата од уметничките композиции и форми на Марина.
Современата релаксирачка и амбиентална музика на Билјана Петровска уште повеќе го оформува невидливото, исполнувајќи го празниот волумен со изведба на пијано звуци во современиот стил. Во целина, композициите создадени во умерено темпо, со мелодиски линии и хармонски подлоги со музикална, концептуална структура и позадина, поседуваат приемчивост и слушливост. Употребата на мелодијата и изедначените ритмизации во хармонската основа во нив, остваруваат наизменично прелевање на тонски бои со изразена суптилност. Нивното преплетување и дијалог во разните гласови и регистри, вообичаениот вовед, наместа вметнатите разработки на тематските мотиви во композициите, доведуваат до создавање на чувствено-контемплативни и медитативни расположенија, ја дополнуваат креацијата на Марина Цветаноска – Мартиновска и создаваат чувство на исполнетост, релаксираност и современо естетско визуелно и музичко оплеменување на просторот и доживување кај реципиентите.
Програма
Самовила (Fairy) оп. А
Сон ( dream ) оп. A
Исчекување (Anticipation) оп. A
Носталија (Nostalgy) оп. Ц
Вечно твоја (Forever yours) оп. A
Сеќавање (Memory) op. 1
Молк (Silence) оп.A
Единаесеттиот час (Тhe eleventh hour) – Никола Стојковски, аранжман за пијано Билјана Петровска
Мечтаење (Daydreaming) оп. A
Жед (Thirst) оп. A
Текстот Мултимедијален проект „Мечтаење помеѓу празното и празнината“ на Билјана Петровска и Марина Цветановска е превземен од МАКФАКС.