Еден од најискусните фудбалери на Германија во овој состав без сомнение е Томас Милер, светскиот првак со „елфот“ од СП во Бразил, кој против Македонија во Дуисбург не играше, но Јоаким Лев го врати за настапот на Еуро 2020 и сега еден од адутите на Ханси Флик е токму тој против Македонија.
Германија доаѓа во Скопје по заверка на пласманот за СП, а Милер посочи дека целта е да се обезбеди тој пласман на СП, но таа цел не ја поставил само селекторот Ханси Флик, туку и самите фудбалери. Милер беше стрелец на победничкиот гол против Романија во петокот со кој Германија го направи првиот исчекор кон СП во Катар догодина.
„Јас навистина уживам на теренот. Против Македонија во март бев само гледач, сега повторно сум дел од селекцијата и навистина уживав. Би било убаво да гоз авериме пласманот, селекторот јасно ја стави таа цел како приоритет и ние сакаме да ја оствариме што е можно побргу. А, и самите ние си ја поставивме целта како фудбалери“, вели Милер пред доаѓање во Скопје.
Тој во 2019 година се пензионираше од националниот тим, но планот за подмладување на селекцијата ја прекина коронавирусот, па Милер со Матс Хумелс се вратија во репрезентацијата за Еуро 2020, каде Германија едвај ја мина групата и испадна во осминафиналето, па „елфот“ сега повторно гради нов тим кој посакува нова светска круна догодина, а секако главна цел ќе биде домашното Еуро 2024 на кое ќе се атакува на четвртата европска круна, прва после 1996 година.