Во текот на денешниот состанок во Вашингтон, италијанската премиерка Џорџа Мелони ќе се обиде да го спречи американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нови царини за Европската унија. Иако Мелони не е првиот избор на Брисел за преговори со Трамп, таа би можела да биде единствената, пишува Политико.

„Имаме сила, способност и интелигенција да ја надминеме секоја нова пречка. Веќе надминавме некои тешки пречки, а ќе има уште пред нас“, рече Мелони пред нејзиното заминување во САД, нагласувајќи дека ќе се обиде да му објасни на Трамп зошто новите трговски мерки сериозно ќе влијаат на европската економија.

„Мораме да избегнеме трговска војна колку што можеме, бидејќи тоа само ќе го ослабне Западот“, додаде таа.

Трамп, кој претходно ја пофали Мелони како „прекрасна личност“ и ја покани на својата инаугурација во јануари, е познат по тоа што ги стави личните односи во центарот на дипломатијата. Белата куќа очекува дека Мелони ќе ја искористи средбата за да се обиде да создаде простор за договор, во време кога американско-европските трговски тензии повторно се во фаза на ескалација.

Минатата недела Трамп привремено ги одложи најавените царини и рече дека европските земји го контактирале „бакнувајќи му го задникот“, што предизвика загриженост во Брисел за симболиката на пристигнувањето на Мелони во овој момент.

Нејзината блискост со светот на Трамп дополнително ја подгрева недовербата кај европските сојузници, кои стравуваат дека пораките што таа ќе ги пренесе би можеле да се разликуваат од оние што ги испраќаат францускиот претседател Емануел Макрон или британскиот премиер Кир Стармер.

Според аналитичарите, Мелони успеала да се претстави како „трансатлантичарка“ и политичарка која и покрај екстремно десничарските корени соработува со ЕУ, но гради и специфичен однос со Белата куќа. Токму поради оваа двојна позиција, европските лидери ги полагаат своите надежи во нејзината способност да изнуди трговски договор, но и да влијае на политиката на Трамп кон војната во Украина.

Текстот Мелони денеска е кај Трамп: Ова е можеби единствената шанса на ЕУ е превземен од МАКФАКС.