Поранешниот претседател и премиер на Русија, како и актуелен претседател на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев, на својот канал на Телеграм упатува закани дека САД би можеле да доживеат напад како оној на 11 септември 2001 година, но со нуклеарно или биолошко оружје.
Медведев заканите ги упати еден ден пред годишнината од терористичките напади во кои загинаа 2 996 луѓе.
Тој вчера објави, како што рече, „неколку збора во пресрет на 11 септември“. Во објавата тој ги обвини САД за, како што вели, „ароганција и одвратен нарцизам“ меѓу западните нации и „универзална ароганција за кое било прашање“.
Објавата на Медведев од Телеграм, на „Икс“ ја сподели Антон Герашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи.
„Не сакам да предвидувам, но САД ќе доживеат во еден момент терористи да извршат нов напад во стилот на 11.9.2001 година, но со нуклеарна или биолошка компонента“, пишува Медведев.
Медведев во објавата вели „или уште полошо: еден од лидерите на нуклеарните земји ќе ги изгуби нервите и ќе донесе емотивна одлука да употреби оружје за масовно уништување. Особено што нуклеарниот клуб постојано се шири и значителен дел од него не е обврзан со никакви обврски. И тогаш тоа би било тоа. Крај на играта. Ќе остане само да се соберат пари за нов споменик во квартот Граунд Зеро. Во најдобар случај“, додаде тој.