Русија изврши големи воздушни напади врз некои од главните украински постројки за производство на гас, предизвикувајќи критична штета во некои случаи додека Украина се подготвува за зима.
„Во текот на ноќта, Русија лансираше 35 ракети и 60 беспилотни летала врз инфраструктурата на државната компанија ‘Нафтогаз’ во регионите Харков и Полтава“, изјави главниот директор на компанијата Сергеј Коретски, додавајќи дека тоа е најголемиот напад врз „Нафтогаз“ досега.
„Како резултат на тој напад, значителен дел од нашата инфраструктура беше оштетен. Дел од штетата е критична“, додаде тој во објава на „Фејсбук“.
„Немаше воена цел или оправдување. Ова беше уште еден приказ на руското зло, насочено единствено кон нарушување на грејната сезона и негирање на можноста на Украинците да ги загреат своите домови оваа зима“, рече тој.
Руското Министерство за одбрана потврди дека неговите сили извршиле напади преку ноќ врз украинската гасна и енергетска инфраструктура, додавајќи дека нападнале и воено-индустриски цели.
Украинските сили, исто така, ги засилија нападите врз руските рафинерии длабоко на руска територија во последните месеци, предизвикувајќи недостиг на гориво во некои региони.
Текстот Масивен руски напад врз украинските гасни постројки: „Ова е најголемиот досега“ е превземен од МАКФАКС.