Францускиот претседател Емануел Макрон остро ја критикуваше владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за нејзиниот став во врска со војната во Газа, нагласувајќи дека судбината на цивилите и заложниците не смее да се „остави на оние за кои ослободувањето на заложниците не е приоритет“.
„Првиот приоритет на Нетанјаху не е ослободувањето на заложниците, инаку немаше да ја започне најновата офанзива врз Газа или да ги таргетира преговарачите во Катар“, рече Макрон во интервју за јавниот сервис Франс 24.
Макрон: Тоталната војна на Израел убива цивили, но не го уништува Хамас
Макрон нагласи дека „тоталната војна убива цивили, но не го уништува Хамас“ и дека, и покрај повторените израелски напади, палестинската група сè уште има капацитет да се бори.
Тој го повтори повикот на Франција за прекин на огнот во Газа и нагласи дека целта на признавањето на палестинска држава е да се оживее мировниот процес.
Францускиот претседател, исто така, ги повика Соединетите Американски Држави, „единствената земја со конкретни средства за вршење притисок“, да го принудат Израел да го промени курсот, додавајќи дека ако тоа не успее, европските земји ќе мора да размислат за санкции.
Макрон предупреди дека секој израелски потег за анексија на окупираниот Западен Брег би претставувал „црвена линија“ за Франција и додаде дека затворањето на францускиот конзулат во Ерусалим би било „сериозна грешка“.
фото: принтскрин
Текстот Макрон: Цивилите и заложниците во Газа не смеат да бидат оставени во рацете на Нетанјаху е превземен од МАКФАКС.