Маж на возраст од околу 40 години загина откако падна од височина за време на концерт на „Оејсис“ на лондонскиот стадион Вембли, соопшти Метрополитенската полиција, а пренесе Би-Би-Си.
Полицајци и медицински лица на стадионот Вембли реагирале на дојава за повреден маж околу 22:19 часот. Мажот бил „пронајден со повреди кои соодветствуваат на пад“ и бил прогласен за мртов на самото место, соопшти портпаролот на полицијата.
Во изјава од стадионот Вембли се наведува дека на повредениот маж му била укажана помош од страна на медицинските лица, полицијата и лондонската итна помош.
„И покрај нивните напори, посетителот на концертот за жал почина. Сочуствуваме со неговото семејство, кое е информирано и му се дава поддршка од специјално обучени полициски службеници“, се наведува во соопштението.
„Оејсис“ во својата изјава соопшти дека се „шокирани и нажалостени“ од веста за смртта на обожавателот.
Најверојатно, мажот паднал од горниот кат.
Полицијата изјави дека стадионот бил преполн и дека „веруваат оти најверојатно имало повеќе луѓе кои биле сведоци на инцидентот или свесно или несвесно го снимиле со мобилен телефон“.
Метрополитенската полиција ги замоли сите што имаат информации да се јават на бројот 101.
Бендот ја започна својата турнеја по повод повторното обединување. Саботниот концерт беше дел од седум распродадени концерти на стадионот Вембли, кој има капацитет од 90.000 луѓе на три ката.
Следните концерти на бендот ќе се одржат во Единбург на 8., 9. и 12. август, по што следува турнеја низ Ирска, Канада, САД и Мексико, пред повторно да се вратат на Вембли на 27. и 28. септември.
Текстот Маж на возраст од околу 40 години загина на концерт на „Оејсис“, полицијата бара сведоци е превземен од МАКФАКС.