Велешката полиција вчера попладне испукала неколку предупредувачки куршуми во воздух во обид да го спречи нападот од 23-годишно лице кое држело остри предмети и се заканувало на граѓани и на полициски службеници. Осомничениот успеал да побегне, но неговиот идентитет е познат и по него се трага.

Инцидентот се случил на 13 јуни 2025 година, околу 18 часот, кога во СВР Велес бил пријавен физички напад врз малолетно девојче на улицата „Хаџи Косте“ во Велес. Нападот го пријавил нејзиниот татко, 25-годишниот Е.Х. од Велес, кој информирал дека неговата ќерка била нападната од С.У. (23) од Велес, кој користел и метален предмет при нападот. Дополнително, откако на местото пристигнала и мајката на девојчето, 27-годишната сопруга на пријавителот, С.У. и кон неа упатил закани.

На местото на настанот интервенирале полициски службеници кои го затекнале С.У. со остри предмети во рацете. Му дале наредба да ги фрли предметите, но тој не се придржувал, продолжил да им се заканува и се движел кон нив со намера да ги нападне.

Во тој момент, полицијата испукала еден предупредувачки куршум во воздух и повторно му наредила да ги остави предметите. И покрај тоа, С.У. продолжил со заканувачко однесување, по што бил испукан и втор предупредувачки куршум. Дури тогаш, напаѓачот го фрлил еден од предметите и почнал да бега.

Полицајците испукале уште два предупредувачки куршуми додека го следеле бегалецот, кој во меѓувреме го фрлил и вториот остар предмет. Двата предмети се пронајдени и одземени од страна на полицијата.

За случајот се известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи Велес, а по С.У. интензивно се трага.

Текстот Маж нападнал девојче со нож, полицијата пукала за да го спречи, но тој избегал е превземен од МАКФАКС.