Ослободување на Украина од нацизмот – или враќање на Украина под руска власт. Русија и САД со своја верзија за воениот конфликт.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров вели дека Русија одговорила на барањата на Доњецк и Луганс за помош – двете области на истокот на Украина, кои Москва ги прогласи за независни само ден пред руските трупи да влезат во Украина.
„Русија ќе обезбеди демилитаризација на Украина. Русија ќе обезбеди денацификација на Украина. Премногу страдавме од нацизмот, а украинскиот народ исто страдаше од нацизам, за сега да ги затвори очите…“, рече Лавров.
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен вели дека руската инвазија не е поттикната од прашањето за проширувањето на Алијансата.
„Ова е очигледно нешто што тој го планира долго време и е прашање многу поголемо од НАТО. Сето ова е за обид да ја врати Украина во својата орбита, да возобнови нешто, ако може така да се каже, што е приближно на Советскиот сојуз“, изјави Блинкен.
Борбите на терен продолжуваат. Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара поголема помош од партнерите, зашто воведените санкции не даваат резултати.
„Дали вчерашните санкции ја убедија Русија? Гледаме на небото, но и на терен дека не се доволни“, рече Зеленски.
Во Европската унија очекуваат санкциите да влијаат врз руската економија.
„Сега треба да дејствуваме во моментов и да побараме одговорност од Кремљ. Пакетот на масивни и насочени санкции кои ги одобрија европските лидери тоа јасно го покажуваат. Тие ќе имаат големо влијание на руската економија и политичката елита“, рече Урсула фон дер Лајен – претседател на Европската комисија.
Поодлучен став од Западот во однос на Русија, очекува и турскиот претседател Ердоган.
„Западот има многу совети давано до ден-денеска и продолжува да дава совети. Се надевам дека на денешниот Самит на НАТО ќе се заземе поодлучен став“, рече Ердоган.
Вечерва шефовите на држави и влади на земјите-членки на НАТО заседаваат на вонреден Самит, на кој се очекува да донесат конкретни одлуки за понатамошното делување.
Лука Андреев