Косовската полиција уапсила пет лица, од кои четворица од српска и еден од албанска националност, по престрелката што рано утрово се случила во северно Косово, во општина Зубин Поток, во близина на границата меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Денеска во раните утрински часови во околината на Зубин Поток (во селото Чечево), полицијата наиде на комбе и неколку возила за кои се верува дека шверцуваат стоки. При обидот да се запрат, дошло до претстрелка, во која нема ранети. Пет лица се уапсени, четворица Срби и еден Албанец, а по еден се трага. Запленети се комбе и три патнички возила. Во комбето се откриени шверцувани цигари. Настанот се случи околу три часот наутро, се вели во изјавата на заменикот директор на косовската полиција за северниот регион, Ветон Ељшании за медиумите.