ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје најавува концерт „Мелодија што трае“, кој ќе се одржи на 9 април (среда) во 19:30 часот, во Музејот на македонската борба.
Настанот произлегува од едукативниот семинар спроведен под водство на проф. д-р Драган Даутовски, со активна вклученост на наставниот кадар и учениците од Насоката за традиционална музика и игра. Програмата вклучува изведби од богатата етномузиколошка архива на д-р Трпко Бицевски, која досега речиси не била јавно презентирана.
„Концертот нуди звучна слика од предели на Егејска Македонија, како Костурско, Серско и Демирхисарско, Кукушко, Драмско и Мегленско, претставени преку автентични вокални интерпретации под менторство на професорите Гордана Тасева Илиевска, м-р Мелита Ивановска, м-р Вера Милошeвска – Јосифовска, м-р Тијана Јаневска, Ленче Димовска и Антонио Стојчески, со придружба на чалгиски оркестар и оркестар со народни инструменти во изведба на ученици кои свират рамо до рамо со своите професори“, стои во најавата за концертот.
Уникатниот состав од чалгиски и народни инструменти (во состав на професорите по народни инструменти д-р Тимко Чичаковски, м-р Христијан Николовски, Оливер Настовски, Драги Полизовски и д-р Александра Кузман) нуди прекрасни оркестарски аранжмани од проф. д-р Даутовски и д-р Тимко Чичаковски.
Текстот Концерт „Мелодија што трае“ на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ е превземен од МАКФАКС.